Марија Саревска – Тодоровска
Гоце Смилевски
МАРИЈА: Имагинарната карта на градот е во постојана промена, зависи од нашите расположенија, од вкусовите што не исполнуваат, од луѓето со кои ја исцртуваме. Така градот никогаш не е еден ист, и никогаш не завршува на она место каде што започнува.
ГОЦЕ: Имагинарната карта на нашето Јас е во постојан сооднос со градот, нашето Јас зависи од расположенијата на просторот, од вкусовите на улиците и зградите, од луѓето кои го исцртуваат градот, сеедно дали ги познаваме или пак не. Така човек никогаш не е еден ист во два различни града. Но, и градот во кој човечкото суштество го започнува и завршува својот живот, дури и кога тој град го има истото име, е некој друг град - онолку различен колку што се различни новороденчето и човекот што го привршува својот живот, а имаат исто име. Затоа што и човекот и градот се суштества-во-менување.
МАРИЈА: А човекот, кој е настроен да го менува светот, како најмногу да се плаши од промената во себе. Се изненадува кога ќе сфати дека не е оној истиот од пред десет години и дека не може со истите очи да се види себеси во светот што во меѓувреме ги сменил вредносните насоки на движење. Непрепознавањето на себеси во просторот на кој е навикнат е како непрепознавање на себеси во сопственото тело. И градот френетично се менува, се изненадува себеси и се учи да ги прифати промените, без да ги наруши старите навики на оние кои го населуваат. Расте и се надвишува себеси. Секоја затворена продавничка на аголот, или срушена стара куќа заменета со облакодер, ја менува неговата структура. Попусто чекориме по истите научени патеки, тоа повеќе не е истото место затоа што и ние не сме исти. Така градот созрева заедно со нашето откривање на просторот во и надвор од нас. И тогаш одново ги пронаоѓаме старите непроменети вредности, само сега преместени во некое друго опкружување во кое се препознаваме без да го знаеме. Но што се случува кога градот ќе го изгуби своето лице? Полесно ли е да се живее со себеси во обезличен град?
ГОЦЕ: Не знам дали Скопје го изгуби своето лице, или пак го менува својот лик на начин кој е неприфатлив за мене. Кога блискоста со градот би ја воспоставувале исклучиво со тоа како градот изгледа, јас би се чувствувал туѓинец овде. За среќа, за мене Скопје не се само оние промени кои ги доживеа (преживеа?) минативе дваесетина години, материјализирани во бетон, стакло, бронза и мермер, Скопје за мене се пред се луѓето кои ми се блиски, оние со кои ги делам - својата и нивната - радост и тага.
МАРИЈА: Најчесто мразам да го мразам сопствениот град, па во таквите случаи го избегнувам. Понекогаш градот ми е најблизок кога го посматрам од мојот прозорец на поткровјето. Во ограничената рамка се гледа пејзаж кој допира до Крстот и облаците над него. Тогаш градот е онаму кадешто најмалку го има. Прераснува во метафора на слободата, на она што не може да се опфати во з(а)гради, бетон, асфалт. И тогаш неговите цврсти облици се заменуваат со меката, растеглива пена од која се направени соништата.
ГОЦЕ: Со таа толку волшебна, а во исто време толку реална слика со која го изразуваш преминот во тоа како ги согледуваме деловите од градот кога тој во себе го обединува она што е, условно речено, заедничко, и она што е најлично, со она што го нарекуваш премин на цврстите облици на градот во мека, растеглива пена од која се направени соништата, ти ги имаш најдено зборовите за таа алхемиска промена на перцепциојата на градот, зборови кои долго сум ги барал и ете сега ти ги откриваш. Понекогаш, некој збор, поглед, допир, од некој близок човек, изречен покрај објект или простор кој ни е потполно туѓ, прави тој простор, тој објект, да станат „наши“, затоа што врз таа туѓост капнува драгиот глас, како тој објект, тој простор, вечно да ги допира нечија мила рака, како тој објект, тој простор, да се огледува во очите кои ни се мили. И ако животот направил да се разделиме од тој глас, од тие раце, од тие очи, кога копнежот во нас не гони кон повторна блискост со нив, а меѓу нив и нас се испречиле непремостливи препреки, одиме на местата кои во почетокот ни биле туѓи, и таму го наоѓаме присуството на луѓето кои станале отсуство во нашите животи.
МАРИЈА: Ах, тој нескротив жив организам од тули и бетон, колку понекогаш знае да те смрзне или да те изгори, или во најлошиот случај рамнодушно да се прилепи за тебе недавајќи ти да здивнеш. Ова особено се случува кога подзабораваме дека телото на градот е во постојана метаморфоза, преземајќи ги врз себе и нашите внатрешни трансформации. За разлика од нас, градот никогаш не простува и речиси никогаш не заборава. Дури и неговото име се менува според сеќавањето со кое трајно сме го замениле некој ѕид, автобуска станица или клупа во паркот. Всушност, најтрајното нешто во човековото сеќавање е присуството на отсуството. Можеби оттаму и вечниот стремеж по ликот на некогашниот град во кој можеби никогаш не сме живееле, ама со кој била поврзана судбината на некој нам близок. Отсуството е толку моќно што дури почнуваме да создаваме нови спомени, кои полека се материјализираат од невидливиот печат на сеќавањето, па можеме да се видиме себеси како седиме покрај нашите баби, стокмени во празнична облека и ја гледаме нашата прва театарска претстава во Театарот крај Вардар. Да се (до)живее градот со очите на Другиот значи да се добие можност за еден друг живот. Сепак, материјалот од кој сме направени како повеќе да се сообразува со текстурата на имагинарните градови во кои се пресликува нашиот копнеж за потрага без пристан?
ГОЦЕ: Во последниве дваесет години градот трпи такви жестоки промени, што несомнено и нашите имагинарни градови се нарушени од сето она што како ново никнува овде и онде. Како што е нарушено и моето секојдневие - двете улици преку кои може да се стигне до зградата во која живеам постојано се блокирани, затоа што некоја од куќите рушат, на местото на некоја која тукушто ја срушиле градат нова, некоја зграда прошируваат и додаваат врз неа уште еден или два ката. На местата на кои стоеле малечки куќарки, сега се градат згради кои се шират не само по она што некогаш било дворно место, туку земаат и дел од тротоарот. Тогаш го барам градот онаму каде што тој е непроменлива константа, во црквите и џамиите (оние древните кои постојат со векови, не оние „новокомпонираните“), во оние делови од чаршијата кои останаа негибнати од желбата за промени и измени, иако и таму гледам по некоја „иновација“ која го оштетува стариот лик. Не можам да сфатам дека некому му паднало на памет да стави купола на зградата на Собранието на Република Македонија, зграда која е едно исклучително дело на модернизмот, и така сега ќе се превори во објект на некаков кич-пост-постмодернизам. Се надевам дека идејата за ваквата промена нема да се оствари. Ми пречи и тоа што пред десетина години беа направени извесни промени на фасадата на приземниот дел од западната страна од Старата желизничка станица, тоа може да го стори само некој кој нема чувство за архитектура, и за историја, затоа што тоа здание сите го поврзуваме со земјотресот од 1963 година.
МАРИЈА: Градењето е можеби најтрајниот печат што една цивилизација може да го остави како трага за своето постоење. Но некако на тој печат како да не му се гледа крајот. Како што општеството не излегува од долготрајната и болна транзијција, така и градењето преминува во еден бесконечен процес на тежнеење кон заокружување за кое се чини дека се уште не сме подготвени. Плановите се менуваат среде започна градба, или некои улици откако конечно ќе бидат завршени, потоа одново се преправаат. Кога гледаме како насекаде околку нас се гради, за миг можеме да ја почувствуваме експлозивната енергија на создавањето, на почетоците, но од друга страна не можеме до ја дофатиме смислата на целата таа монументалност. Поминуваме низ плоштадот кадешто најзначајните ликови од македонската историја се собрани на едно место како на шаховска табла врз која епохите безмилосно се пресметуваат и се поништуваат себеси, и како да сме заробени во некој чуден лавиринт, во некоја нерелана констелација на ѕвезди кои ги изгубиле своите соѕвездија и сега пробуваат каде би можеле да се вклопат. Не знаеме со кое време да се приврземе кога сите постојат едновремено и тоа поставени во истовреме, дури сега во 21-иот век. Се уште се нови и некако туѓи за да ги прифатиме како наше секојдневие, па како кон секоја нова атракција, им приоѓаме со несигурност и резервираност. Кога првпат ќе посетев некој од европските градови, првото нешто што ми паѓаше на ум е како би било секојдневно да проаѓаш покрај вакви величествени градби, на кои патината им дава уште поголема тежина. Во својата почетничка наивност мислев дека чекорејќи секој ден по тие тесни улички натопени со историја, би имала посебна инспирација за творење.Се разбира, координатите на нашите имагинарни пејзажи се тие кои го исцртуваат креативниот процес, но и надворешеното опкружување знае многупати во симбиоза со нашата имагинација да создаде посебни јазични восклици. Можеби треба да помине време за овие новиве градби во нашето непосредно централно градско опкружување да ги доживееме како секојдневие, како нераздвојни од секојдневните наши активности, за да ги почувствуваме како дел од нашата лична историја. Велиш најсигурно е градот да се бара онаму каде што е непроменлива константа. Но ако градот по дефиниција е настанат за да одговара на моменталните потреби, стил на живот и функционирање на неговите граѓани, каде е тогаш урбаното јадро на Скопје?
ГОЦЕ: Не знам дали нешто во Скопје може да се нарече - урбано јадро. Такво јадро, или такви јадра во овој град, многупати се започнати, па оставени, напуштени, запуштени и запустени. Скопје изгледа како град кој е многупати започнуван, но јасно е дека на малку од она што е започнато му е дадена некоја, не конечна и дефинитивна (кога е простор во прашање, не верувам во нешто што е еднаш засекогаш дадено), туку дефинирачка форма. Можеби оние делови од градот кои, кога настануваа, ни изгледаа како најразлични од она што некогаш било поим за Скопје - како населбите Аеродром или Ново Лисиче кои настанаа пред нешто повеќе од три децении, и некои делови од Топанско Поле и Радишани, имаат најмногу причини за со нив да се врзе поимот за урбаноста. Во создавањето на тие населби не гледам ништо насилно и неприродно, како што тогаш, во времето на нивната изградба, бидејќи тие се настанати на „празен простор“, почнати се „од нула“, и затоа со нив не е направена никаква агресија врз нешто што било дел од градот пред тоа и морам да кажам дека освен што го имаат тоа обележје на урбаност, имаат и една хумана димензија - оние кои ги проектирале тие населби, мислеле и на луѓето кои таму ќе живеат - има прекрасни паркови и игралишта помеѓу повеќекатниците, и се надевам дека таа структура нема да биде нарушена од новата мода во Скопје, наречена градење-на-катни-гаражи, кои никнуваат насекаде. Од друга страна, она што во последниве дваесет години им се случува на оние делови од градот кои го имаа „шмекот“ на старо Скопје, како Дебар Маало на пример, тоа уривање на некои од најстарите и најубави куќи во Скопје и градењето на нивно место повеќекатници, таа окупација на просторот со невкус, тоа е агресија, садизам, криминал спроведен од тнр. урбанистичка мафија. Со години се зборуваше дека градоначалничката на една од скопските општини (токму онаму каде што се наоѓа Дебар маало) дава дозвола за уривање на куќите, и градење на повеќекатници на нивно место, само под услов доколу во секоја од нив добие стан за себе. Но никогаш не беше поведена кривична постапка по ова прашање. Од друга страна, им се радувам на убавите работи кои му се случуваат на Скопје. Многу сум среќен што конечно одново, по повеќе од десет години, заживеа Старата чаршија. Убаво е што има нови места во кои се одвива ноќниот живот, но жал ми е што она најинтимното, најкултното, не заживеа пак. Секако, мислам на „Багдад кафе“. Тоа беше место каде што запознав многу луѓе, место каде сум започнал многу пријателства (таму започна и нашето пријателство - иако бевме колеги на факултет - но едноставно, во рамки на факултетот пријателствата не би започнале, да не беше тоа место). „Багдад кафе“ беше место кое им беше омилено на многу студенти, сликари, музичари, архитекти, па и на по некој бескуќник. Тоа беше место на идеи, разговори, теории и квази-теории, место на кое сигурно се родиле (или развиле) многу дела. „Багдад“ го водеа Сандра и мајка и Зорица, таму работеше Мила, и со нив во тоа време станав (и до ден - денес останав) пријател. Понекогаш им велам дека треба одново да се отвори „Багдад кафе“, но некако животот тргна во поинаков правец, Зорица, Сандра и Мила се впуштија да работат во други области, и знам дека обновувањето не е можно. Јас уште ја помнам целата „сценографија“ на тие неколку метри квадратни (плус она малку место во Безистенот, на кое ставаа уште четири-пет маси) тој малечок простор со толку многу енергија, наречен „Багдад кафе“. Помнам делови од разговорите, луѓе, ситуации, настани, вљубувања и разделувања, помнам многу од нештата на кои бев сведок таму. Мислам дека оние нови места во чаршијата се оК и често навраќам во нив, но „Багдад кафе“ беше како жариште на креативна енергија, и тоа за мене не може да го има ниту едно друго место во тој дел од градот, ниту едно место во овој град. Ми недостига „Багдад кафе“. Ете, не сум те прашал до сега - имаш ли некое такво „место на носталгија“, место кое го имало а сега го нема, во Скопјево?
МАРИЈА: Ти благодарам што ме потсети на почетоците на нашето пријателство, нераскинливо врзано со тоа „Кафе во имагинарниот Багдад“, тоа кафуле на креативна енергија, која како да испаруваше од пареата што се ширеше од секој новопринесен чајник на тркалезните масички, послани со цветни простирки. Многу кристално го доловуваш значењето на тоа конститутивно жариште кадешто многу млади луѓе се пронаоѓаа меѓусебно во координатите на Безистенот, тоа метафизичко место на умствени средби и пресретнувања по менталните раскрсници. Навистина, во рамки на факултетот пријателствата не би започнале, да не беше тоа место. Кога замре Багдад кафе, постепено запре и животот на целиот Безистен. Попусто доаѓавме кога ќе слушневме дека нешто таму е повторно отворено. Го немаше стариот, препознатлив мирис на спојувачката енергија како никогаш ништо и да не се случувало. Чаршијата, воопшто, е место во кое се чувствувам како да чекорам по патека што секојдневно сум ја изодувала во некој минат живот, и додека повторно проаѓам оттаму нешто во мене кликнува, чиниш некои стари сеќавања се будат во мојата потсвест. Затоа речиси и јас секогаш најрадо би седнала во Чаршија, иако сега таму пулсира една друга енергија. Мене во Скопје ми недостига, на пример, старата Антикварница на Култура, која се наоѓаше малку пред Средното музичко училиште, кадешто уште како средношколци навраќавме да ископаме по некоја стара книга за смешна цена, и лакомо се радувавме што ќе ги читаме ретките песни на Пол Валери, или ќе пронајдеме некој стар примерок во тврд повез од Борхес. Во тие случајни лутања се пресретнувавме заборавајќи на простор-времето, движејќи се по тенката линија на стварното и нестварното. И, секако, кафулето Медиум, кога се наоѓаше во самиот центар на градот, позади кино Култура. Во еден период на вечерни странствувања низ градот, дури не се ни прашувавме каде ќе се излегува вечер, затоа што се подразбираше дека ќе се оди таму. Некако како да беше истурено на самата улица, додека седнати како во сопствениот двор, непречено муабетевме со некој од соседната маса затоа што луѓето горе-долу сите се познаваа и припаѓаа на еден близок круг впивачи на една порелаксирана, културна градска струја. Иако, ми се чини дека, тоа кафуле, каде и да се преместува, како што е сега во Старата Чаршија, секогаш ќе ја задржи истата енергија на спонтаност и ненаметливост во која е лесно и да се мудрува и да се ужива со подеднаков жар. Колку и да звучи парадоксално, ама се чини како Скопје да го среќаваме секаде онаму кадешто „најмалку“ го има. Кога сакаме да го покажеме градот некому кој треба да го запознае првпат, ги отвораме портите кон местата кои најмалку се поистоветуваат со поимот урбано, односно како што и ти претходно убаво кажа на местата кадешто тој е непроменлива констнат како што е Калето, Старата Чаршија, Пантелејмон, или Водно, и можеби затоа е вечно модерен во една бодлеровска смисла. Урбаното јадро е само симбиоза помеѓу старото и новото, некогашното и денешното, митското и футуристичкото, можност сите форми на егзистирање на градот да се примаат одеднаш и истовремено, креирајќи нова, препознатлива вредност како лицата од имагинативните портрети на Арчимболдо.
ГОЦЕ: Погледнат оддалеку, од Водно, на пример, градот навистина може да покаже сродност, по својата разноликост, разнослојност, и разнообразност кои создаваат еден нов лик, со портретите на Арчимболдо. Така е и со „површините“ (со самата архитектура) на градот, но така е, веројатно, и со луѓето, со нивните животни приказни - тие се лични, интимни, се преплетуваат со оние на блиските, но сите заедно, сите тие животни стории на оние кои живеат во овој град, сигурно создаваат некаква фигура, и понекогаш мечтаам да можам да ги видам со некое духовно око сите тие фини, тенки нишки на судбините испреплетени во овој град. А некогаш се обидував да ги откријам тенките нишки кои го врзуваа Скопје со некои други точки на земјината топка. Тогаш во Скопје барав некој друг град, некои други градови, и се обидував во тие други градови да го откријам Скопје... Се обидував да го слушнам во Скопје ехото на Петроград од романите на Достоевски, или одѕвонувањата на Париз и Буенос Аирес од „Куцкамен“ на Хулио Кортасар, и Даблин од Џојсовиот „Улис“; се обидував да откријам во Скопје ситуации кои наликуваат, кои се слични со ситуациите од овие дела, книжевни ликови кои би можеле да живеат и во Скопје, или пак нечија животна приказна на некој од овдешните жители ќе ми заличеше дека може да се вплете во некое дело на авторите кои најмногу ги сакам, а никогаш не стапнале овде. Годините кои минуваат го одвикнуваат човека од многу навики, па една од оние од кои ме одвикнаа беше и таа игра, која некогаш ми беше толку многу драга. Во тоа време, пред десетина и повеќе години, понекогаш ми се случуваше во Скопје да видам некое непознато лице, и да помислам: сигурно вака изгледал Орасио Оливеира, или: да, ова е лицето на Соња Мармеладова, или Ахмед Нурудин, или Леоне Глембај, или Фалстаф... Или пак, некој ѕид, нечиј глас, бојата на небото, мирисите на Скопје, да ме потсетат на некое книжевно дело напишано далеку од овде, на некој стих, или драмска реплика. Порано тоа толку често ми се случуваше, но веќе со години таквите „чуда“ веќе ги нема - не знам дали причината за тоа е во мене, или во градот, или и јас и градот толку сме се промениле, што повеќе не може да ни се случи тој вид на „чудо“ - чудо во смисла во која тоа е виножитото, на пример. При крајот на 2008 за едно лице си реков: „Ова е Аљоша Карамазов“, и оттогаш градот и јас не можеме да ги откриеме проникнувањата на Скопје и книжевноста. Сега, пак, би сакал да исчитам томови книги напишани од македонските автори во 1960тите и 1970тите, некои од кои неправедно запоставив како читател (а оние кои не сум ги запоставил, и веќе сум ги прочитал - да ги препрочитам), да го побарам во нивните дела она Скопје кое веќе го нема. Чувствувам дека треба да го побарам тоа Скопје на платната на нашите сликари, во оние неколку црно-бели филмови кои се со урбана тематика, време е да појдам во некоја од библиотеките и да разлистам некој стар број од дневните весници... И таму е зачуван градот. Понекогаш, тоа Скопје може да се открие и во некој од заборавените шлагери. Летоска, кога Горан Стефановски беше дојден од Англија, барајќи го тоа друго Скопје, се сетивме на една песна, за која не знаевме кој ги напишал стиховите и музиката, ама од срце ја испеавме во дует: „Спиј, Скопје, спиј, спиј, граду мој, / денот што мине, денот што иде ќе биде твој.“ Би сакал да верувам дека пораката на овие стихови е вистина.
МAРИЈА: „Чудата“ е невозможно да ги снема. Кога ги нема подолго време, како онаа најфрустирачка мистерија за твориците наречена креативна криза, основното преовладувачко чувство е паника. Кај оние емотивно покревките, паниката полека преминува во резигнираност. И токму во тие мигови на краен безизлез се пронаоѓаме себеси во нечија случајно изговорена мисла која ја содржи есенцијата на нашиот моментен поглед на свет кој никако не успеваме да го изглаголиме од себе, или по грешка, барајќи нешто трето, ќе залутаме во уличката кадешто сме живееле како деца, или нашите баби не носеле кај некои свои роднини, во населби и краеви од градот кои и денес ни се непознатица, а всушност ни биле блиски на некој посебен начин. Приказната меѓу нас и градот не може никогаш да заврши. Можеби истовремено сме се замориле, па затоа ни се чини дека сме се отуѓиле, дека повеќе не си припаѓаме еден на друг. И можеби веќе и ти и градот сте на пат еден кон друг, само се барате по новите споредни улички кои ја отежнуваат траекторијата, затоа што ти веќе си го избрал, можеби најдобриот начин да дојдеш до градот, а тоа е преку разните форми на уметност создавани во времето кога градот бил најмногу свој. Не за да се копнее по времиња замрзнати во едно изминато време, туку да се научи како да се чувствува близок и нов сега и овде, за заедно да учествуваме во истата приказна.





